Продажбата на мобилни телефони ќе закрепне во 2024 година

83

Продажбата на мобилни телефони треба да закрепне оваа година бидејќи намалувањето на инфлацијата ја поддржува побарувачката на пазарите во развој, додека купувачите на поскапи уреди се привлечени од интеграцијата на генеративната вештачка интелигенција, објави во четвртокот консултантската компанија Counterpoint Research.

Глобалните испораки паднаа за повеќе од четири отсто минатата година, бидејќи граѓаните ги намалија трошоците.

Во 2024 година тие би требало да пораснат за три отсто, пренесува Хина, а главен мотор на растот се очекува да бидат пазарите во развој, како што се Индија, Блискиот Исток и Африка, особено во категоријата поевтини уреди, според Counterpoint Research.

Испораките на уреди со пониска цена се очекува да пораснат за 11 отсто, по падот во 2023 година, со посилна побарувачка во регионите на Карибите и Латинска Америка.

Побарувачката за мобилни телефони во опсег од 150 до 249 долари треба да се зголеми со слабеење на инфлацијата во региони како Африка и стабилизација на локалните валути, со дополнителен поттик од зголемената конкуренција меѓу кинеските производители како Oppo, Vivo и Xiaomi.

Во најскапата категорија дефинирана со опсегот на цени од 600 до 799 долари, продажбата би требало да се зголеми за 17 отсто благодарение на интеграцијата на технологијата genAI и побарувачката за уреди што се преклопуваат, се вели во извештајот.

Apple и Huawei најверојатно ќе ги продаваат најскапите мобилни телефони, проценува Counterpoint Research.