САД ги укина лиценците на Intel и Qualcomm за продажба на чипови на Huawei

54

Американските власти повлекоа повеќе лиценци кои им дозволуваа на компаниите како Intel и Qualcomm да извезуваат чипови за лаптоп и друга електроника на санкционираниот кинески гигант Huawei.

Повеќе извори ја потврдија оваа информација за Ројтерс, а еден од нив истакна дека компаниите не биле информирани дека повлекувањето на лиценците и дозволите ќе стапи на сила веднаш (т.е. во вторник кога е донесена наредбата). Американските власти потврдија дека лиценците се повлечени, но не прецизираа точно кои компании.

Intel и Qualcomm не одговорија на прашањата на Ројтерс.

Овој потег на американските власти доаѓа околу еден месец откако Huawei го лансираше својот прв лаптоп со вештачка интелигенција, MateBook X Pro напојуван со Core Ultra 9 процесорот на Intel. Лансирањето на овој лаптоп го привлече вниманието на републиканците кои оценија дека самото постоење на лаптопот е сигнал дека американското Министерство де факто дало зелено светло за продажба на чипови на кинески компании.

– Повлековме одредени дозволи за извоз на Huawei, се вели во соопштението на американското Министерство за трговија. Министерството не прецизираше точно кои фирми останаа без лиценци.

Конгресменката Елиза Стефаник, републиканец, во соопштение рече дека овој потег ќе ја зголеми националната безбедност на САД, ќе го заштити интегритетот на американската држава и ќе ја спречи Кина да напредува во областа на високата технологија.

Овој потег може да биде многу штетен за Huawei, но исто така им штети на американските добавувачи кои имаат бизнис со компанијата.