
Цените на нафтата останаа речиси непроменети минатата недела, бидејќи најголемите светски економии не растат доволно брзо за да ја зголемат побарувачката за „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела се лизна за 0,2 отсто, на 82,79 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,2 отсто, на 78,26 долари.
По остриот пад една недела претходно, минатата недела цените на нафтата се движеа во тесен опсег бидејќи во моментов нема причина за нивен значителен раст или пад.
Растот на американската економија постепено се забавува поради високите каматни стапки, а бидејќи инфлацијата во САД останува покачена, претставниците на американската централна банка велат дека каматните стапки може да останат на покачени нивоа подолго време од очекуваното.
Бидејќи се очекува дополнително забавување на растот на американската економија, тешко е да се очекува зголемување на побарувачката на нафта во најголемиот светски потрошувач на „црното злато“.
Кинеската економија, од друга страна, покажува знаци на закрепнување, но не толку убедливо дека би можело да се очекува значително зајакнување на побарувачката.
Иако ситуацијата на Блискиот Исток не е целосно смирена, аналитичарите оценуваат дека е намален ризикот од ескалација на конфликтот, па ни тамошните настани во моментов не влијаат премногу на цената на нафтата.
Дополнително, се очекува Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да ја задржат политиката на намалување на производството во втората половина од годината, по 1 јули, доколку побарувачката не зајакне.
Групацијата ќе ја разгледа производната политика на состанокот на 1 јуни.
Главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток, од почетокот на годинава цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за околу 7 отсто, а на американскиот пазар за повеќе од 7,5 отсто.













