Ричард Брансон: Да успееше како одгледувач на папагали, немаше да постои Virgin

54

branson 3

Британскиот милијардер Ричард Брансон, сопственик на Virgin империјата, е претприемач од мали нозе. За него се знае дека уште како студент започнал со издавање на магазин и така почнува неговата успешна приказна, но она што помалку се знае е дека на успехот му претходи неуспех.

“Кога имав 11 години, одлучив дека е време да започнам мал сопствен бизнис. Со мојот најдобар пријател Ник Пауел како бизнис партнер, почнавме да одгледуваме папагали. Видовме дека тука има простор на пазарот затоа што во тоа време папагалите беа многу популарни меѓу децата во училиште. Но, папагалите почнаа да се размножуваат побрзо од што можеме да продадеме, а и летниот распуст беше при крај…”

Бизнис потфатот завршил кога се вратил во интернат и птиците им ги оставил на родителите. На неговата мајка не и преостанувало ништо друго, туку да ги пушти на слобода.

branson 1

Потоа Брансон почнал да продава новогодишни дрвца. Ги купувал мали и се надевал дека добро ќе заработи кога ќе пораснат. Но, не се случило како што се надевал. За жал, неговите дрвца ги изеле зајаци.

И покрај пропаднатите обиди, Брансон не се откажува. Голема заслуга за тоа има и мајка му, која и самата е претприемач и која го учела дека ако не му оди една работа, треба да почне да работи нешто друго.

branson 2

Во студентските денови започнува со проектот Студент магазин, кој излегува многу поуспешен од претходните два бизниса. Од него понатаму ќе произлезе Virgin Records. Четириесет години подоцна, Virgin Group има преку 100 компании и преку 60.000 вработени во над 50 земји.

“Да не беа почетничките неуспеси, сегашниот успех веројатно немаше да се случи”, вели Брансон кој секогаш потенцира дека во животот најважно е да си флексибилен.

richard-branosn