
Глобалното затоплување и екстремните горештини во земјите од јужна Европа во текот на летото ги менуваат навиките на туристите, кои се почесто летуваат во европските земји со постудена клима.
Минатата година приходите на скандинавските земји од туризмот се зголемени за шест отсто во однос на 2022 година на 124 милијарди долари, објави Блумберг.
Бројот на летните резервации во земјите од Скандинавија е зголемен за 27 отсто во однос на минатото лето, бидејќи резервациите во сместувачките капацитети во Шведска се зголемени за 47 отсто на годишно ниво, а резервациите во Исланд за 49 отсто.
За споредба, бројот на резервации за одмор во Италија е зголемен за само три отсто во однос на минатото лето. Експертите од областа на туризмот претходно забележаа дека глобалното затоплување стана причина за нов тренд на туристичкиот пазар, таканаречениот туризам за ладење (coolcation).
Во последните години, земјите од јужна Европа сè повеќе се соочуваат со екстремни летни горештини, кои понекогаш се придружени со шумски пожари, што влијае на однесувањето на туристите кои претпочитаат да изберат други дестинации за одмор.
Минатата година Европската комисија објави анализа за можното влијание на климатските промени врз европскиот туризам.
Во најлошото сценарио, кое предвидува пораст на температурата за четири отсто, туризмот во Грција се очекува да падне за седум отсто во споредба со 2019 година, додека побарувачката за патување во Данска, Шведска и Финска ќе се зголеми за шест отсто.












