Рекорден број на туристи во Португалија во 2023 година

Минатата година Португалија ја посетиле 26,5 милиони странски туристи, што е највисоко во историјата. Споредено со 2022 година, бројот на туристи е зголемен за 19,2 отсто, а во однос на 2019 година за 7,7 отсто, објави португалскиот Национален завод за статистика.
Најмногу странски туристи, 6,7 милиони или 25,2 отсто, дошле во Португалија од соседна Шпанија, која сè уште е главна земја на потекло на странските туристи, објавија португалските статистичари.

По бројот на странски туристи следат Британците и Французите  со добри три милиони.

Туристичките сместувачки капацитети оствариле 85,1 милиони ноќевања, што е за 10,3 отсто повеќе од претходната година. Домашните туристи лани сочинувале третина од сите ноќевања или 28,1 милион, што е за 2,1 отсто повеќе во однос на 2022 година, а странските 57,1 милион ноќевања, што претставува годишен раст од 14,9 отсто.

Туризмот претставува 12 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Португалија, кој минатата година порасна за 2,3 отсто. Минатогодишниот раст на БДП беше меѓу најсилните во ЕУ, особено на сметка на извозот.

Економскиот раст  годинава се очекува да биде 1,5 отсто, а следната година 1,9 отсто, покажуваат најновите прогнози што во април ги објави умерената десничарска влада. Во меѓувреме, португалската централна банка очекува раст од два отсто оваа година и 2,3 отсто во 2025 година.