
Германскиот производител на спортски автомобили Порше објави во вторникот помали испораки во првата половина од годината во услови на зголемени трговски тензии меѓу Европската унија и Кина.
Во периодот од јануари до јуни, компанијата испорача 155.945 возила на клиентите ширум светот, седум отсто помалку отколку во истиот период минатата година.
Испораките во Кина потонаа за дури 33 отсто, покажува извештајот.
Остриот пад на испораките се совпадна со ескалацијата на трговските тензии меѓу ЕУ и Кина. Брисел отвори серија истраги за кинескиот увоз поради можна државна помош што им гарантира на кинеските компании предност во однос на европската конкуренција. Минатата есен решија да ги проверат можните субвенции за производителите на електрични автомобили.
Најавата за дополнителни увозни давачки предизвика бран критики меѓу германските производители на автомобили. Шефот на БМВ, Оливер Зипсе, предупреди дека „протекционизмот може да започне спирала на нови увозни давачки и изолација, заклучувајќи дека „Европската комисија им штети на европските компании и европските интереси“.












