
Елизабет Мекол, членка на надзорниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), предупреди дека значителното зголемување на приватните фондови и другите извори на финансирање надвор од регулираните банки претставува најголема закана за стабилноста на финансискиот систем на еврозоната.
Станува збор за „областа каде што веројатно имаме најмала видливост и каде што работите можат да се движат побрзо од нормалната кредитна динамика – тоа е пазарот на финансиски посредници кои не се банки“, изјави МекКол за „Фајненшл тајмс“.
Според податоците на Европската комисија, небанкарските финансиски посредници, познати и како „банки во сенка“, во третиот квартал од минатата година имале средства во вредност од 42,9 милијарди евра, наспроти 38 милијарди евра, колку што поседувале традиционалните кредитори, пренесе Пословни.хр.
Мекол истакна дека веќе има предупредувачки знаци дека таквите ризици може да се материјализираат ненадејно, вклучувајќи го и колапсот на семејната канцеларија Archegos Capital Management пред три години, што резултираше со загуби од десетици милијарди долари за инвестициските банки, вклучувајќи ги Credit Suisse и Nomura.
МекКол рече дека во тек се проверки за да се види дали 113-те банки во еврозоната што ги надгледува централната банка имаат целосен увид во сопствената изложеност кон небанкарските институции.
Банкарството во сенка доживеа бум по глобалната финансиска криза во 2008 година. Тој распространет сектор има акумулирано средства во вредност од 218 трилиони долари, речиси половина од сите глобални финансиски средства.












