Голема мултинационална компанија затвора 3.200 работни места во Европа

Британскиот мултинационален производител на производи за широка потрошувачка Unilever планира да укине нешто повеќе од три илјади работни места во канцелариите во Европа до крајот на следната година, потврди портпаролот на медиумите.
„Во следните неколку недели ќе иницираме процес на консултации со вработените кои може да бидат засегнати од предложените промени“, изјави портпаролот на Унилевер.

Компанијата во средата ги информираше директорите дека ќе укине дури 3.200 работни места во Европа до крајот на 2025 година, покажаа деталите од телеконференцијата.

Лондонскиот деловен весник „Фајненшл тајмс“ беше првиот што ја објави веста, известувајќи дека работните места ќе бидат укинати главно во канцелариите во Лондон и Ротердам.

Укинувањето на работните места е составен дел од програмата за подобрување на продуктивноста која беше објавена во март и предвидуваше дури 7.500 отпуштања.

„Очекуваниот нето ефект врз работните места во Европа од сега до крајот на 2025 година е во опсег од 3.000 до 3.200 работни места“, рече главниот директор за човечки ресурси Константина Трибу.

„Мерките подразбираат најобемни кратења на работни места во Унилевер во последните неколку децении“, нагласи шефот на работниот совет во европскиот бизнис на Унилевер, Херман Согеберг, во писмото до работниците.

Името „Програма за продуктивност“ е целосно несоодветно бидејќи луѓето кои работеле и биле продуктивни ќе останат без плата, додаде Согеберг.

Извршниот директор Хајн Шумахер во октомври ги претстави плановите кои треба да ја вратат довербата на инвеститорите со рационализирање на операциите по недоволното работење во последниве години. Заедно со отпуштањата, тој најави и раздвојување на бизнисот со сладолед, забележува Ројтерс.