
Бројни туристички региони во Европа очекуваат рекорден број посетители во текот на летото. На многу места локалното население се бори против масовниот туризам. Дали има решение за тој проблем?
На неколку европски дестинации, места кои се многу популарни меѓу туристите, локалното население протестира. Во Венеција, некои од нив окупираа празни станови во знак на протест во последните години. Туризмот го сметаат за зло што им го уништува градот, се жалат дека повеќе не можат да најдат место за живеење.
Само околу 49.000 луѓе живеат постојано во историскиот центар на Венеција. Според различни проценки, повеќе од 20 милиони луѓе ја посетуваат Венеција секоја година. Она што за едниот е секојдневие, за другите е сценографијата во која се одвива нивниот годишен одмор.
Европа е континентот со најголем број странски туристи, а Венеција не е единствениот град кој страда од напливот на гости.
Во моментов, може да се слушне за слични протести во Барселона, некои други шпански градови, но и во Лисабон, Прага или Амстердам, масовниот туризам се повеќе резултира со зголемени тензии меѓу туристите и локалното население.
Причините се горе-долу слични насекаде: зголемувањето на кириите, астрономските цени на недвижностите и прашањето кој колку ресурси смее да троши?
Туризмот е најважниот извор на приход за многу од овие градови или региони. Во Европската унија туризмот сочинува околу десет проценти од БДП. Според проценките на ЕУ, во тој сектор се вработени околу 12,3 милиони луѓе.
„Ова се апстрактни бројки“, вели Себастијан Зенкер од бизнис школата во Копенхаген. Тој додава дека приходите од туризмот не им носат ништо на локалните жители, особено ако во исто време растат и кириите, кога недвижностите стануваат недостапни или кога рестораните ги зголемуваат цените што можат да си ги дозволат само туристите.
Во интервју за ДВ, Зенкер вели дека, мора да се признае, многу жители заработуваат од туризмот, „но само малкумина можат добро да заработат или да живеат добро од тоа“. Проблемот, вели тој, е што платите често се премногу ниски. Во Италија нема законски дефинирана минимална плата, во Португалија е 4,85 евра, а во Шпанија 6,87 евра на час.
Па каде одат сите тие пари што ги трошат туристите во медитеранските земји? Многу пари заработуваат авионската индустрија, големите хотелски синџири, меѓународните компании и индустријата за крстарења, објаснува Пол Питерс. Тој работи на Универзитетот во Бреда во Холандија, каде што истражува за одржлив туризам и транспорт.
За да се следи протокот на пари, одлучувачки е начинот на кој луѓето патуваат. Туристите на бродовите за крстарење спијат и јадат главно на бродот. Релативно малку на лице место трошат и туристите кои резервирале одмор со паушална цена, односно резервирале летови, сместување и храна преку големите провајдери.
Истовремено, придонесуваат за загадување на воздухот и зголемена потрошувачка на вода – товар што најмногу го носат локалните жители. Сето ова го зголемува чувството на нееднаквост и напнатост меѓу локалните жители и туристите.
„На сите актери им е јасно дека сакаат туристи. Единственото прашање е како и каков туризам“, вели Зенкер.
Првите политички решенија веќе постојат. Во Амстердам, на пример, повеќе не е дозволено да се градат нови хотели.
Терминот демаркетинг се однесува на рекламни стратегии чија цел е да го направат производот помалку атрактивен – во овој случај, односно во градот Амстердам, целта на таа мерка е да се демотивираат одредени групи луѓе да дојдат.
Во Лисабон и Палма де Мајорка, локалните пазари за изнајмување станови одамна се збогуваа со потребите и економската реалност на локалното население. Првите мерки што се воведени: нема нови лиценци за изнајмување станови преку онлајн платформи како Airbnb. Или, во случајот на Палма, порестриктивни правила во однос на изнајмувањето недвижен имот за туристички цели.
Барселона прибегнува кон уште подрастични мерки. Каталонскиот град најави дека до 2028 година нема да ги обнови лиценците за издавање на околу 10.000 станбени единици на туристи, односно ќе дозволи да истекуваат лиценците. Ова треба да го намали притисокот врз пазарот на домување. Изнајмите во Барселона се зголемија во просек за повеќе од 60% во последните десет години.
За бродовите за крстарење има сè повеќе ограничувања или се воведуваат повисоки такси. Во Венеција, на големите бродови повеќе не им е дозволено да се закотвуваат на централните локации од 2021 година, а Амстердам планира слична мерка од 2026 година. Ова не само што треба да го намали напливот на туристи, туку и да го намали загадувањето на воздухот.
Слично како Амстердам, Мајорка повеќе не сака островот да се доживува како „забава“ дестинација. Целта е да се намали бројот на туристи, а тие што ќе дојдат во иднина да трошат повеќе. Висококвалитетен туризам, така го нарекува индустријата. Но, дали е тоа решение? Не, вели Масија Бласкез-Салом. Овој Шпанец живее во Палма де Мајорка, тој е професор по географија и активист. Фокусот на луксузниот туризам само ќе ја зголеми нееднаквоста, вели тој.
„Туризмот кој се фокусира на забави и хотели на плажа е ограничен на посебни локации, работи како фабрика“, вели Бласкез-Салом за ДВ. Затоа, директните влијанија се ограничени на релативно мал дел од општините.
Побогатите туристи, од друга страна, имаат поголеми желби, вели тој, трошат повеќе вода, почесто одат на пократки патувања и на крајот имаат доволно капитал за да купат недвижен имот: „Сето ова само го поттикнува процесот на гентрификација, а при во исто време шпекулации за недвижнини“, вели Масија Бласкез-Хало. „Ваквите туристи директно се мешаат во животот на локалното население.
Голем дел од туристичката индустрија сè уште размислува во контекст на постојан раст. Рекорден број на гости се коментира со ентузијазам. Сепак, за многу жители во градовите како Барселона, Венеција или Палма, дополнителниот раст е неприфатлива опција. И сега што?
Едно можно решение е да се задржи бројот на туристи на одредено ниво на кое сето тоа би било подносливо за градовите и локалната заедница, вели Пол Питерс.
Притоа, еколошките и социјалните фактори треба да играат клучна улога, додава тој. А за тоа да се случи би требало да се склучат договори со авиокомпании и сопственици на пристаништа и аеродроми, додава експертот за туризам. Зашто, како што вели, често се фокусирани на понатамошен раст поради вишокот капацитети.












