ЕЦБ: Побарувачката на заеми од домаќинствата покажува знаци на закрепнување

34

Побарувачката на граѓаните за кредити во еврозоната закрепна во вториот квартал, со засилена конкуренција од банките пред пониските каматни стапки и подобри изгледи за пазарот на недвижности, покажа во вторникот истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ).

16 отсто од заемодавачите пријавија посилна побарувачка на заеми на домаќинствата во вториот квартал, првпат од 2022 година, во истражувањето на ЕЦБ.

– Главниот двигател на побарувачката за станбени кредити беше подобрената перспектива на пазарот на недвижности, според германските банки на прво место – се наведува во извештајот на ЕЦБ.

Банките ги олеснија условите за одобрување станбени хипотекарни кредити поради засилената конкуренција, а, според нив, побарувачката беше позитивно, во помала мерка, под влијание на општото ниво на каматни стапки и довербата на потрошувачите.

ЕЦБ ги намали клучните каматни стапки во јуни, нагласувајќи го ублажувањето на инфлацијата во претходните месеци. Од јули 2022 до септември 2023 година ги покачија за цели 4,5 процентни поени, а потоа „закочија“ во услови на ослабена економска активност и послабо кредитирање. Во мај инфлацијата во еврозоната благо забрза, на 2,6 отсто, а Евростат во среда ќе ја објави проценката за јуни.

Побарувачката на заеми од домаќинствата треба да зајакне и во третиот квартал, покажуваат кредиторите во истражувањето на ЕЦБ.

И во пролетниот квартал компаниите се двоумат да аплицираат за кредити, а банките ги заострија условите за нивно доделување, особено во сегментот на комерцијални недвижности.

– Во втората половина од годината, банките во еврозоната очекуваат нето-заострување на условите за кредитирање, комбинирано со умерен нето пораст на побарувачката за кредити во повеќето економски сектори, со исклучок на секторите градежништво и комерцијални недвижности.