
Инфлацијата во 20-те земји кои го користат еврото во јули се искачи на 2,6 отсто и повторно е повисока од проценките на Европската централна банка (ЕЦБ), која треба да одлучи дали ќе ја намали референтната каматна стапка, соопшти Евростат.
Во соопштението се наведува дека инфлацијата во земјите од еврозоната е зголемена од 2,5 отсто во јуни. Инфлацијата кај услугите во јули изнесува 4,0 отсто, а во јуни 4,1 отсто.
Растот на инфлацијата ќе ги интензивира дискусиите, според Асошиејтед прес, за следниот потег на Европската централна банка, чиј состанок треба да се одржи на 12 септември.
ЕЦБ го направи првото пробно намалување на референтните каматни стапки во јуни – на 3,75 отсто. Бордот на директори на банката потоа направи пауза на состанокот во јули, а претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард рече дека банката ќе ја донесе следната одлука врз основа на добиените податоци.
Пред намалувањето на каматните стапки тоа беше рекордни 4,0 отсто, а со овој потег ЕЦБ им се придружи на централните банки на Канада, Шведска и Швајцарија во намалувањето на каматните стапки по претходната серија на зголемувања, најголеми во поновата историја.












