
Германските пивари продале 4,2 милијарди литри пиво во првата половина од оваа година, што е за 0,6 отсто помалку во однос на истиот период лани.
Продажбата на домашниот пазар е помала за 0,9 отсто и изнесува 3,4 милијарди литри. Ниту европското фудбалско првенство не можеше да спречи пад на продажбата, покажуваат објавените податоци на германската статистичка служба.
Овогодинешниот јуни – Европското фудбалско првенство се одржа од средината на јуни до средината на јули – беше најлошиот месец за продажба на пиво во Германија од 1993 година, пренесува германската новинска агенција dpa. Статистиката не вклучува безалкохолно пиво.
Здружението на германски пивари смета дека за послабата продажба пред се виновни се временските услови. Променливите температури и невремето за време на првенството спречија бројни настани на отворено, велат тие.












