Дали „картата на шанса“ вроди со плод во Германија?

Новиот закон за имиграција на квалификувани работници има за цел да привлече повеќе квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ во Германија, што е важно и за работниците од Балканот.

Министерството за надворешни работи во првата половина од годинава издаде повеќе од 80.000 визи за лица кои сакаат да работат во Германија. Околу половина од нив, над 40.000, се квалификувани работници.

За споредба: во истиот период лани биле издадени околу 37.000 визи за квалификувани работници.

Според информациите, Сојузното Министерство за надворешни работи издало повеќе од 157.000 визи за потребите на вработување во целата 2023 година, од кои 79.000 визи отишле на квалификувани работници.

Т.н „карташанса“, која беше воведена на 1 јуни, сè уште нема големо влијание врз бројот на печалбарите. По овој правен основ досега се издадени речиси 200 визи, информираат од МНР.

Предуслов за карташанса е најмалку двегодишно стручно образование признаено од државата во земјата на вработување или соодветна универзитетска диплома, како и познавање на германски или англиски јазик. Во зависност од јазичното ниво, професионалното искуство, возраста и поврзаноста со Германија, заинтересираните добиваат поени кои им даваат право на т.н. карташанса.

Има и бодови за квалификации во дефицитарните занимања. Секој со доволно поени може да дојде во Германија и потоа да има една година да бара постојана работа. Под одредени услови, можно е еднократно продолжување за две години.

Од 2020 година, Германија има закон за имиграција на квалификувани работници за да го поттикне приливот на квалификувани работници. Во ноември 2023 година, стапи на сила првиот дел од реформата на овој закон за кој одлучуваше семафорската коалиција. Пред сè, вклучуваше поедноставувања за „сината карта на ЕУ“ и за признатите квалификувани работници.