Минатата недела доларот потона на најниско ниво за повеќе од четири месеци, додека јенот имаше најголеми добивки, бидејќи Банката на Јапонија почна да ја затегнува монетарната политика по 17 години.
Индексот на доларот минатата недела потона за 1,07 отсто, на 103,21 поен, а за време на тргувањето во петокот накратко падна на 103,12 поени, што е најниско ниво од 14 март.
Истовремено, курсот на еврото зајакна за 0,51 отсто во однос на доларот, на 1,0912 долари.
Курсот на американската валута се најде под притисок на послабите од очекуваното американски економски показатели, пред се податоците за забавувањето на индустриската активност во јули на најниско ниво во последните осум месеци и извештајот за вработување во јули, кој покажа дека американските работодавци отвориле само 114.000 нови работни места минатиот месец, a се очекуваше да бидат отворени 175.000. Стапката на невработеност се зголеми од јунските 4,1 на 4,3 отсто.
Ваквите податоци ги зголемија очекувањата дека Банката на федерални резерви, која минатата недела ги задржа каматните стапки на нивното сегашно ниво, ќе почне да ја олабавува монетарната политика во септември. На пазарот сега се шпекулира дека има 71 процент шанса ФЕД да ги намали каматните стапки за половина процентен поен во септември, а пред податоците за вработеноста се сметаше сигурно дека тие ќе бидат намалени за 0,25 процентни поени.