Германија и натаму е најголемиот финансиер на Европската унија

Минатата година Германија уплатила значително повеќе во буџетот на Европската унија отколку што потрошила од неа, тврди германскиот економски институт, кој ги анализирал податоците од Европската комисија.
Во 2023 година, Германија уплати околу 17,4 милијарди евра повеќе во буџетот на ЕУ отколку што доби, што ја прави најголем нето плаќач. Годината пред тоа дала 19,7 милијарди евра.

На второ место е Франција, која лани плати речиси девет милијарди евра повеќе отколку што повлече од буџетот на ЕУ. Италија е на трето место со нето придонес од околу 4,5 милијарди евра.

Најголем нето-примател во 2023 година – како и претходната година – беше Полска со 8,2 милијарди евра. Зад неа се Романија со шест милијарди евра и Унгарија со 4,6 милијарди евра.

Гледајќи ги нето плаќањата по жител, проценката покажува дека Ирска е на прво место со 236 евра. Во Германија исплатите изнесуваат 206 евра по жител.

Буџетот на Унијата во 2023 година изнесуваше 173,1 милијарди евра. Од нив 143,4 милијарди евра отидоа за земјите членки.

Дополнително, имаше средства од Европскиот фонд за закрепнување на пандемијата од 66,1 милијарди евра, од кои членовите искористија 64,6 милијарди евра.

Како најголем нето финансиер на Унијата, Германија обезбедува речиси четвртина од средствата. Истовремено, германската влада нагласува дека и Германија има поголема корист од внатрешниот пазар на ЕУ од која било друга земја-членка.