Норвешка постигна светски рекорд по бројот на електрични возила

Норвешка постави нов светски рекорд за продажба на електрични автомобили. Додека продажбата на електрични автомобили во Европа стагнира или паѓа, во Норвешка продажбата на електрични возила изнесува 94 отсто од вкупниот број новорегистрирани автомобили.

Скандинавската земја, голем производител на нафта и гас, постави цел до 2025 година да продава само возила со нулта емисија, десет години пред целта поставена од ЕУ.

Земјата нуди великодушни даночни олеснувања кои ги прават електричните модели многу конкурентни.

„Ниту една земја во светот не е блиску до Норвешка во однос на продажбата на електрични автомобили. Ако овој тренд продолжи, наскоро ќе бидеме на пат да ја постигнеме нашата цел за 100 проценти автомобили со нулта емисија до 2025 година“, изјави директорот на норвешкиот авто клуб Ојвинд Солберг Торсен.

За споредба, електричните автомобили претставуваа 12,1 отсто од продажбата на нови автомобили во ЕУ во јули, зад автомобилите на бензин со 33,4 отсто, хибридите со 32 отсто и дизел моделите со 12,6 отсто, според Европската асоцијација на производители на автомобили.

Норвежаните купија 10.480 нови електрични возила во август, со што вкупниот број од почетокот на годината достигна 68.435, пишува Techxplore. Најбаран модел е Tesla Model Y, кој учествуваше со 18,8 отсто од продажбата, а потоа следат Hyundai Kona и Nissan Leaf.