Индитекс повторно со рекордна полугодишна добивка

Шпанскиот текстилен гигант Inditex, кој меѓу другото е сопственик на синџирот модни продавници Зара, во првата половина од годината оствари рекордни 2,8 милијарди евра нето добивка.
Со ова Inditex ја надмина минатогодишната полугодишна добивка за десет отсто, што исто така беше рекорд, пренесува француската прес агенција АФП.

Од јануари до крајот на јуни, Inditex оствари 18,1 милијарди евра приход од продажба, што е за 7,2 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Според компанијата, која ги поседува и брендовите Pull&Bear, Bershka, Massimo Dutti и Stradivarius, нивните пролетни и летни колекции се многу добро прифатени од клиентите.

„Дизајнот и квалитетот на нашата модна понуда и искуството што го нудиме на нашите клиенти, заедно со ефикасноста и зголемената одржливост на нашиот бизнис, се клучот за овие резултати“, рече извршниот директор на Inditex, Оскар Гарсија Макеирас во изјавата.

Како што пренесува AFP, пред објавувањето на овогодинешните полугодишни деловни резултати, аналитичарите очекуваа забавување на рекордниот профит што го одбележа бизнисот во изминатите четири години. Но, резултатите покажаа дека традиционалните модни трговци успешно се справија со жестоката конкуренција од евтините дигитални шопинг платформи како што е кинеската Shein.