
Главниот извршен директор на италијанскиот производител на алкохолни пијалоци Кампари, Матео Фантачиоти, поднесе оставка по само пет месеци работа.
Како што се наведува, Фантачиоти заминува од лични причини, а на оваа вест реагираа акциите на групацијата Кампари на берзата во Милано со пад од цели 5,6 отсто.
Оставката доаѓа откако Фантачиоти на конференција организирана од Банката на Америка во петокот рече дека изгледите за продажба во САД се неповолни.
Компанијата подоцна објави соопштение во кое појасни дека Фантачиоти мислел на трендовите во секторот, а не на перформансите на компанијата, според Блумберг.
Привремени извршни директори на Campari Group ќе бидат главниот финансиски директор Паоло Маркезини и генералниот советник и директорот за развој на бизнисот Фабио ди Федео.
Групацијата Campari е позната првенствено по истоимениот горчлив алкохолен пијалок, но нејзиното портфолио вклучува и брендови како Aperol или Appleton.











