ЕУ ја исполни целта пред истекот на рокот и наполни 90 отсто од складиштата за гас

Главните наоди од овогодинешниот извештај за состојбата на енергетската унија, неодамна објавен од порталот на Европската комисија (ЕК), наведуваат дека Унијата ги надминала критичните ризици за безбедноста на снабдувањето со енергија, ја вратила контролата врз пазарите и цените на енергијата и ја забрзала транзиција кон т.н климатска неутралност.

Во првата половина од оваа година половина од производството на електрична енергија во ЕУ доаѓа од обновливи извори, пренесува Мина.

Емисиите на стакленички гасови во ЕУ се намалија за 32,5 отсто од 1990 до 2022 година, додека економијата на ЕУ порасна за околу 67 отсто во истиот период.

ЕУ, исто така, успеа да обезбеди уделот на рускиот гас во увозот да падне од 45 отсто во 2021 година на 18 отсто до јуни оваа година. Во меѓувреме, зголемен е увозот од други партнери, како Норвешка и Соединетите Американски Држави (САД).

Покрај тоа, ЕУ веќе ја постигна целта за складирање на гас од 90 проценти за претстојната зима во август, значително пред крајниот рок од 1 ноември.

Иако е постигнат значителен напредок во исполнувањето на целите на Енергетската унија, извештајот открива дека има области каде што се потребни подобрувања.

Напорите на ЕУ за енергетска ефикасност мора дополнително да се зајакнат доколку се постигне целта за намалување на потрошувачката на финална енергија за 11,7 проценти до 2030 година.

Извештајот, исто така, силно ги охрабрува сите земји на ЕУ да ги поднесат своите конечни ажурирани национални планови за енергија и клима што е можно поскоро, за да обезбедат заедничко постигнување на енергетските и климатските цели до 2030 година.