Инфлацијата во Турција продолжува да паѓа

105

Годишната инфлација во Турција дополнително забави на 49,4 отсто во септември, откако во август достигна 52 отсто, покажуваат официјалните податоци.
Цените на производите за широка потрошувачка во септември се зголемени за речиси три отсто во однос на пред еден месец.

Септемвриската инфлација беше повисока од прогнозите на аналитичарите кои очекуваа раст на цените на производите за широка потрошувачка за 48,1 отсто, пренесе француската новинска агенција АФП.

Според турскиот завод за статистика, на септемвриската годишна инфлација најмногу влијаеле повисоките цени на недвижностите, образованието и услугите во хотелите и рестораните.

Според податоците на Стопанската комора на Истанбул, само во најголемиот турски град Истанбул во септември малопродажните цени на месечно ниво се зголемени за 3,9 отсто, а на годишно ниво за 59,2 отсто.

Во октомври 2022 година, годишната стапка на инфлација во Турција достигна 85 проценти. Во јуни лани забави на 38,2 отсто, по што растот на цените повторно забрза. Во мај годинава беше на 75 отсто, но во јуни повторно почна да паѓа.

Централната банка на Турција минатата година почна да ги зголемува каматните стапки за да се бори против растот на цените, на што претседателот Реџеп Таип Ердоган долго време се спротивставувa.