Растат испораките на руски гас во ЕУ

Во третиот квартал од 2024 година, Русија ги зголеми испораките на гас во Европската унија на 13,3 милијарди кубни метри, престигнувајќи ги САД и заземајќи го второто место меѓу добавувачите, покажуваат податоците на аналитичката компанија Бригел.

Според овие податоци, обемот на испораките на руски гас изнесува 13,3 милијарди кубни метри, што е повеќе во споредба со претходниот квартал и истиот период лани. Уделот на Русија во европскиот увоз на гас се зголеми на 19,4 отсто, достигнувајќи го својот максимум од вториот квартал на 2022 година, пренесува РИА Новости.

Главниот канал за испорака за Русија остануваат гасоводите преку кои во третиот квартал се испорачани 8,6 милијарди кубни метри гас, што е осум отсто повеќе во однос на претходниот квартал и 13 отсто повеќе од претходната година. Извозот на течен природен гас изнесува 4,7 милијарди кубни метри, што е за шест отсто помалку во однос на претходниот квартал, но за 21 отсто повеќе во однос на третиот квартал од минатата година.

Во исто време, САД ги намалија своите испораки на течен природен гас за 25 отсто во кварталот и за една третина во годината, на 9,5 милијарди кубни метри, паѓајќи на третото место меѓу главните снабдувачи со гас во Европската унија. Норвешка остана на првото место според обемот на извозот со 21,7 милијарди кубни метри, и покрај деветкратното намалување на испораките во третиот квартал.

Алжир и Велика Британија се исто така во првите пет водечки снабдувачи на гас во ЕУ. Алжир го намали обемот на испораки за 19 отсто на седум милијарди кубни метри, додека Велика Британија ги зголеми испораките за речиси 40 отсто, достигнувајќи 5,1 милијарди кубни метри.

Во меѓувреме, приходите од рускиот извоз на течен природен гас во Европската унија достигнаа највисоко ниво од 565,7 милиони евра во јули, благодарение на зголемените набавки од Шпанија и Холандија, достигнувајќи ги своите највисоки нивоа од крајот на зимата.