Извршниот директор на германскиот производител на луксузни автомобили Мерцедес ја повика Европската унија да се откаже од спорот со Кина околу тарифите за електричните автомобили (ЕВ).
„Наместо нови трговски бариери, потребна ни е повеќе слободна трговија. Затоа е важно да се најде решение кое ќе одговара и на ЕУ и на Кина“, изјави Ола Келенијус за понеделничкиот весник „Билд“.
„Преговорите се во тек. За да се избегне загрозување на тие преговори, ЕУ треба да го одложи воведувањето на планираните царини“, рече Келенијус.
На почетокот на месецот, повеќето земји од ЕУ гласаа за дополнителни царини до 35,3 отсто за е-возилата од Кина на батерии.
Сепак, Германија гласаше против, загрижена дека одмаздата ќе и наштети на нејзината огромна автомобилска индустрија.
Европската комисија инсистираше на дополнителни тарифи по истрагата која го обвини Пекинг за субвенционирање на домашните производители, со што ги прекрши правилата за конкуренција на ЕУ.
Сепак, останува да се види дали тарифите навистина ќе стапат на сила на почетокот на ноември.
Дотогаш, можно е Брисел на преговарачка маса да постигне решение со Кина.