Во октомври активноста во индустријата во еврозоната опадна

27

Активноста во индустријата во еврозоната е намалена и во октомври, само со малку поблаго темпо од претходниот месец, со слаба побарувачка и слаби резултати во Франција и Германија, за разлика од подобрувањето во Шпанија, покажа месечниот извештај на S&P Global.

Индексот на менаџери за набавка (PMI) во индустријата во еврозоната порасна во октомври за еден поен во однос на септември и изнесува 46 поени, пресметано од Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која ги составува извештаите за S&P Global.

Вредностите пониски од 50 поени сигнализираат пад на активноста, пренесува Хина, додека вредностите повисоки од 50 укажуваат на нивниот раст.

„Бројките носат и добри вести, падот на активноста во производствениот сектор не се продлабочи дополнително во октомври“, заклучува главниот економист на HCOB, Сајрус де ла Рубија.

Според него, производството е намалено, но поблаго од септември, а не бил толку голем ниту падот на новите нарачки. Од друга страна, загрижува невообичаено наглото намалување на залихите на суровини, акумулирани за време на пандемијата.

„Поради слабата глобална побарувачка, компаниите не гледаат причина да ги надополнуваат залихите, што пак врши притисок врз економската активност“, објасни Де ла Рубија.

Компаниите и на почетокот на четвртиот квартал го намалуваа бројот на вработени, бидејќи главно ги завршуваат старите нарачки и не очекуваат значително закрепнување во наредните месеци.