Доделувањето на ваучерите за инвертер клима уреди од страна на Министерството за енергетика, ќе се спроведе утре во Центрите за вработување во општините, освен во Битола, каде што пунктот е сместен во Спортската сала „Боро Чурлевски“, а во Скопје е во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Оние кои што нема да можат да ги подигнат ваучерите утре тоа ќе може да го сторат до крајот на месецот, во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Со цел да се избегнат одредени забуни во јавноста, Ве информираме дека изборот на добитниците на вредносните ваучери, како и изборот на правните субјекти кај кои ќе може да се искористат вредносните ваучери, беа спроведени од страна на Министерството за економија, согласно критериумите на јавниот повик. По направениот избор, новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е одговорно само за организирање на доделувањето“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека добитниците на вредносните ваучери биле известени преку средствата за јавно информирање, веб страната на Министерството и преку СМС порака дека доделувањето на ваучерите ќе се одвива по следниов распоред:
Скопје – СЦ Борис Трајковски од 9 до 17 часот во четврток, 7.10.2024
Битола – Спортска сала „Боро Чурлески“ од 9 до 17 часот во четврток, 7.10.2024
За останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.
Сепак, повеќе граѓани кои што се нашле на списоците објавени претходно,, велат дека не добиле СМС порака на телефоните.
Списоците беа објавени на 2 овој месец од страна на Министерството за енергетика, во чија надлежност прејде овој проект, кој во почетокот на годината беше инициран од страна на Министерството за економија. Ваучерите, пак, ќе треба да се искориста до крајот на овој месец.
Министерството за енергетика вчера го објави списокот на локации каде ќе може да се подигнат ваучерите. Во речиси сите места тие ќе се доделуваат во Центрите за вработување, освен во Битола, каде што пунктот е сместен во Спортската сала „Боро Чурлевски“, а во Скопје е во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Листата на општини со локација и време за подигнување на потврда-ваучер за купување и вградување на високоефикасни инвертер клима уреди може да се најде на следниот ЛИНК. Од истата интеренет страница има и линкови до списоците за лицата кои што се квалификувале за добивање ваучери за инвертер клима уреди.
Од Министерството за енергетика посочуваат дека сите подносители на барања кои ги нема на списоците се недобитни поради исцрпување на средствата предвидени за спроведување на овие програми, некомплетна документација, надминување на временски зададениот рок за поднесување на барање.
Јавниот повик беше објавен на 1 февруари 2024 година, а конкурсот и изборот на корисниците беа спроведени и финализирани од страна на Министерството за економија, кое преку своите комисии направи евалуација и конечен избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери. По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите.
За оваа цел беа обезбедени 4,1 милион евра доволни за околу 6.000 ваучери. Но, на двата јавни повика пристигнаа вкупно 18.805 барања, од кои 14.500 баратели се од категоријата неранливи потрошували, а за огласот за ранливи потрошувачи имаше 4.305 барања.
Вкупниот број на домаќинства кои ќе добијат вредносен ваучер преку двете програми изнесува 6.182 домаќинства.
Преку програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23.000 денари или 25.000 денари се 4.591 домаќинствo, а преку програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30.000 денари се 1.591 домаќинство.