Во октомври ситуацијата во германската автомобилска индустрија се влоши

96

По малото подобрување во септември, ситуацијата во германската автомобилска индустрија повторно се влоши во октомври.
Показателот со кој минхенскиот институт за економски истражувања Ifo го мери расположението во индустријата падна за 4,3 поени во однос на септември на -27,7 поени, покажуваат сезонски приспособените податоци.

Показателот за тековните состојби се намали за 13 поени на -27,5 поени, додека показателот за очекувањата за следните шест месеци се зголеми за 3,9 поени на -27,9 поени, објави денеска Ифo.

„Зголемената конкуренција, особено од земјите надвор од Европа, очигледно става се поголем товар на германската автомобилска индустрија. Индустриската криза продолжува“, изјави претставникот на Ифо, Анита Волф.

Германската автомобилска индустрија веќе подолго време се мачи, што аналитичарите го припишуваат главно на недостигот на нови нарачки, особено од странство. Расте стравот дека европските компании тешко ќе се соочат со кинеската конкуренција.

Според најновите податоци на Ифо, 44,3 отсто од компаниите во германската автомобилска индустрија имаат недостиг на нарачки, најмногу од јули 2020 година. Очекувањата во областа се исто така најлоши од пролетта 2020 година.

Проблемите на индустријата најдобро се опишуваат, како што велат аналитичарите, со кризата во Фолксваген, кој во септември објави дека размислува за затворање фабрики во Германија за прв пат во својата историја. Тоа би резултирало и со значително намалување на бројот на работни места. Групацијата сака да ги намали трошоците за да ја подобри конкурентноста. Фолксваген вработува околу 120.000 луѓе во најголемата економија во еврозоната, а има вкупно десет фабрики во Германија.