Витанов: Македонија би можела да работи на засилување на трговските односи со земји надвор од ЕУ и САД

39

Дел од економските експерти велат дека aко Доналд Трамп воведе царини против Кина и Европската Унија, тоа би можело да поттикне глобална трговска војна, особено ако Кина и ЕУ одговорат со сопствени царини или трговски мерки.
Историјата покажува дека трговските војни обично водат до зголемување на цените за потрошувачите и намалување на трговската активност меѓу земјите, што може негативно да влијае врз економскиот раст. Според економистот Зоран Витанов, главната цел на новиот американски претседател за царините е да го заштити американското производство и работни места.

-Но, ако другите земји одговорат со ограничувања за американските производи, тоа би можело да ги намали извозните можности на американските компании. На глобално ниво, трговските војни можат да доведат до дестабилизација на пазарите, создавање на нови трговски блокови, и намалување на довербата во глобалниот трговски систем. Поради големата зависност на земјите една од друга во однос на трговијата, се очекува дека, ако навистина дојде до зголемување на царините, многу влади ќе се обидат да најдат компромис пред ситуацијата да ескалира во целосна трговска војна. Со други зборови, очекувам Трамп да ретерира и да влезе во преговори со тие земји пред веднаш да донесе одлуки, посочува Витанов во разговор за „Локално“.

Според него, ако ЕУ одговори на американските царини со сопствени мерки, како контра-царини или ограничувања за увоз на американски производи, тоа би можело да доведе до забавување на трговската размена и поскапување на одредени производи во Европа и САД. Ваквата размена на царини ќе поттике инфлација, бидејќи зголемените трошоци за увоз директно се одразуваат на крајните цени за потрошувачите.

-Со оглед на тоа што Трамп планира да воведе царини на широка палета производи, ЕУ би можела да биде принудена да го зголеми производството на одредени стоки локално или да најде нови добавувачи од трети земји. Меѓутоа, во краток рок, цените на некои производи што зависат од американскиот увоз веројатно би се зголемиле, особено во индустрии каде Америка е главен снабдувач или каде замените не се лесно достапни. На пример, електрониката, одредени автомобилски делови, или агро-производите би можеле да се соочат со раст на цените.

ЕУ, исто така, може да се обиде да ги засили трговските односи со други пазари како Кина, Русија (односот кон Русија секако ќе се смени со Трамп), или Јапонија за да го ублажи влијанието на новите американски мерки. Сепак, една глобална трговска војна може да го намали и глобалниот економски раст, што ќе ги поттикне владите да бараат дипломатски решенија за да се избегнат долгорочни последици. Друго е прашањето што во Европа во моментов има сериозна криза на лидерство, од кои може да се очекува и неекономски, односно сервилен однос кон политиките на Трамп. Сепак јас во мојот одговор се држам на здраворазумни економски политики, наведува Витанов.

Околу тоа како треба Македонија да се позиционира во таква ситуација, соговорникот објаснува дека е важно проактивно да се позиционира во ваква потенцијално нестабилна глобална економска ситуација.

-Земјава, како мала економија со отворен пазар и енергетски зависна, е особено чувствителна на глобалните трговски превирања, па затоа би било препорачливо владата и релевантните институции да започнат со подготовка уште сега, наместо да чекаат да се случат промени, анализира Витанов и порачува неколку конкретни чекори кои би можеле да бидат преземени од македонска страна:

1. Диверзификација на трговските партнери: Македонија би можела да работи на засилување на трговските односи со земји надвор од ЕУ и САД, за да ја намали зависноста од овие пазари. Поттикнување на економски односи со пазари во Азија, Блискиот Исток или Африка може да обезбеди алтернативни извори за увоз и пласман за извоз.

2. Поддршка за домашното производство: Во услови на трговска војна и можни царини, поддршката за домашните производители ќе биде клучна за одржување на стабилни цени и за задоволување на домашните потреби. Ова вклучува мерки за поттикнување на производство на стоки кои се увезуваат во големи количини и можат да се произведат локално.

3. Изработка на стратегија за стратешки резерви: Во случај на глобална трговска криза, многу земји се соочуваат со недостаток на стоки или зголемени цени. Подготовката на стратешки резерви, особено за основни прехранбени производи и енергенси, би можела да помогне во стабилизирање на домашниот пазар.

4. Мониторинг на глобалните случувања: Создавање тим кој ќе ги следи глобалните економски и трговски случувања би помогнало Македонија да има точни информации за секоја промена во реално време. Овој тим би можел брзо да предложи и имплементира соодветни мерки, согласно новите услови.

5. Поддршка за малите и средни претпријатија (МСП): Бидејќи малите и средни претпријатија се ранливи на промените на пазарот, потребно е да се обезбеди поддршка преку субвенции, олеснувања или кредити за нивно прилагодување во новите услови.

-Иако е невозможно точно да се предвиди како ќе се развијат овие настани, превентивните мерки и стратегиите за диверзификација и стабилизација би можеле да ја направат Македонија поспремна и пофлексибилна во справувањето со глобалните предизвици. На среден рок, македонската економија може значително да профитира од промените на глобалните текови, оценува Витанов во својата анализа.