Доларот го продолжи својот нагорен тренд

24

Вредноста на доларот во однос на кошницата валути се зголеми и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи американската централна банка, според нејзиниот претседател, би можела да го забави темпото на намалување на каматните стапки.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела зајакна за 1,6 отсто, на 106,67 поени.

Истовремено, курсот на еврото во однос на доларот падна за 1,7 отсто, на 1,0540 долари, блиску до најниското ниво во една година.

Американската валута зајакна и во однос на јапонскиот јен, за 1,1 отсто, па нејзиниот курс достигна 154,30 јени. Во текот на неделата, индексот на доларот се проби над нивото од 107 поени за прв пат во една година.

Ова е последица на пораката дека американската централна банка може да го забави темпото на олабавување на монетарната политика.

Имено, претседателот на ФЕД Џером Пауел на состанокот рече дека економијата сè уште стабилно расте, дека пазарот на трудот е солиден, а инфлацијата сè уште е над целта од два отсто, па централната банка може, посочи, внимателно да размисли за намалување каматните стапки.

Економијата не испраќа никакви сигнали дека треба да брзаме со намалување на каматите“, рече претседателот на централната банка.