Нова инвестиција на германската „Костал“ од 50 милиони евра и нови 250 вработувања во следните 4 години

37

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Охрид.

Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ е во износ од 45 до 50 милиони евра и најмалку 250 нови работни места до 2028 година.

Со тоа, вкупната инвестиција на КОСТАЛ во Македонија ќе надмине 150 милиони евра со околу 1300 работни места. Веќе се реализирани дел од новите вработувања и е донесена дел од потребната опрема за производство.

Она коешто го видов внатре прво ме инспирира како универзитетски професор, како човек којшто предава предмети од полето на мехатрониката, навистина импресивно. Би рекол заедно со најсовремените и најмодерните светски текови се произведува овде кај нас во Охрид. 

Повеќе од 1150-тина вработени го произведуваат тоа. Директорот тоа го кажа каде сè се вградува сето тоа како модули во кои возила, во кои марки на возила, брендови, зборуваме за светските топ бренд возила, Мерцедес, Фолксваген итн. Нешто што е навистина импресивно.

Импресивни се и плановите за во иднина. Импресивни се и новите инвестиции од 50-тина милиони евра во следниве 4 години, но и планот за извоз поголем од половина милијарда.

Кога на сето ова ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал” тоа значи дека ние како Влада треба да имаме, но и мислам дека имаме, посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, но ваков тип на инвестиции треба да ги поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да инвестираат и да ги задржиме тука кај нас, изјави Мицкоски.

– Проектот е насочен кон вложување во најсофистицирана опрема во сегментот „енергетска електроника” за автомобилска електроника наменета за најновите модели на електрични и плуг-ин хибридни возила на групацијата  „Фолксваген“, како и за напредни мехатронски системи за Мерцедес, соопштија од владината прес-служба.

КОСТАЛ во 2023 година беше 9-ти најголем извозник од земјава. Компанијата работи веќе осум години на македонскиот пазар и бележи континуиран развој и раст. Клиентите на КОСТАЛ Македонија се „Фолксваген“ Групација (Фолксваген, Ауди, Порше, Шкода, Сеат), Мерцедес, БМВ, Јагуар, Ланд Ровер.