Роснефт објави помала добивка поради каматните трошоци и послабата рубља

Рускиот производител на нафта Роснефт извести дека го затворил периодот од јануари до септември со значително повисоки приходи, додека нето добивката се намалила поради каматните трошоци и послабата рубља.

Приходите на Роснефт беа 68,01 милијарди евра во првите девет месеци од 2024 година и беа за 15,6 отсто повисоки од минатата година. Нето добивката е намалена за 13,9 отсто, на 8,31 милијарди евра.

Добивката пред камати, даноци и амортизација изнесува 20,82 милијарди евра и е за 3,4 отсто помала во однос на првите девет месеци од 2023 година.
Раководството ја припиша помалата добивка на повисоките трошоци за задолжување и даночните обврски. На крајот на октомври руската централна банка ја зголеми каматната стапка на 21 отсто со цел да ја ограничи инфлацијата.

„Поради зголемената каматна стапка, проектите за модернизација на рафинеријата, за кои е потребно надворешно финансирање, беа помалку ефективни“, истакна менаџментот, додавајќи дека во исто време нивните резултати се отежнати со царинските трошоци и зголемените безбедносни мерки.

Во текот на летото Украина неколку пати со беспилотни летала ги нападна рафинериите на територијата на Русија, пренесува Хина. „Со цел да се заштитат интересите на акционерите и да се избегнат загубите, Роснефт размислува и за можното суспендирање на проектите за модернизација на рафинеријата“, се додава во извештајот.

На руската нафтена индустрија негативно влијаат континуираните промени во даночниот систем, нагласува менаџментот, објаснувајќи дека поради најавеното зголемување на даночната стапка за следната година, на 25 отсто, решиле да книжат одложена даночна обврска од 1,79 милијарди евра.

Проблем за добивката на Роснефт било и прилагодувањето на вредноста на обврските во странска валута поради слабеењето на рубљата, забележуваат оттаму, наведувајќи дека во третиот квартал рубљата ослабела во однос на кинескиот јуан за повеќе од 10 отсто.