Деловната активност во еврозоната во ноември – намалена

Деловната активност во еврозоната драстично падна минатиот месец, бидејќи услужниот сектор се приклучи кон производствениот сектор во намалувањето на резултатите, што може да се заклучи од движењето на индексот на менаџери за набавка (PMI) за ноември.

Овој индекс се користи како мерка за општото економско здравје во одредена земја или област, како во случајот со еврозоната. Во ноември падна на вредност од 48,3 од бројката од 50 во октомври.

Бројката 50 го дели растот од падот на економската активност. Сепак, конечната бројка е малку подобра од првата проценка, која беше 48,1.

„Услужниот сектор, кој до сега ја движеше економијата, за прв пат од јануари е во пад. Ова е лоша вест за севкупната прогноза за растот, особено затоа што се забележани слабости во сите три најголеми економии во еврозоната“, рече главниот економист во Хамбуршката комерцијална банка Сајрус де ла Рубија.

Фото: Pixabay