Светските цени на храната повторно пораснаа и сега се највисоки во последните 19 месеци

Светските цени на храната се зголемија четврти месец по ред во ноември и сега се највисоки од април 2023 година, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Вредноста на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за ноември изнесува 127,5 поени, што претставува зголемување од 0,5 отсто во однос на октомвриските 126,9 поени, соопшти ФАО.

Резултатот е последица на зголемувањето на вредноста на индексот во категориите растителни масла и млечни производи со истовремено намалување на категориите месо, шеќер и житарки.

Индексот на цените на растително масло се зголеми за дури 7,5 отсто месечно на 164,1 поен и сега е највисок од јули 2022 година.

Меѓународните цени на палминото масло пораснаа шести месец по ред, а пораснаа и сончогледовото масло и маслото од соја, како и маслото од репка.

Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми за 0,6 отсто на месечно ниво, на 139,9 поени, главно како резултат на растот на цената на млекото во прав, путерот и сирењето.

Спротивно на тоа, вредноста на месечниот индекс на цените на месото падна за 0,8 отсто на 118,1 поен, првенствено поради падот на цените на свинското месо и живината, како и на вредноста на индексот на цените на шеќерот, за 2,4 отсто на 126,4 поени поради подобрените изгледи за жетва во Бразил.

Фото: Pixabay