
Stellantis и кинескиот производител на батерии CATL ќе инвестираат 4,1 милијарди евра (4,33 милијарди долари) во фабрика за производство на батерии за електрични возила во Сарагоса, северна Шпанија.
За овој проект, истакнува Ројтерс, основале заедничко вложување со еднаков удел од по 50 отсто, а очекуваат производството да започне до крајот на 2026 година.
Капацитетот на фабриката може да достигне 50 гигават часови, во зависност од развојот на пазарот на електрични возила во Европа и од поддршката на европските и шпанските власти.
Претседателот на Stellantis, Џон Елкан, рече дека партнерството ќе донесе „иновативно производство на батерии во производствен капацитет кој веќе е лидер во чиста и обновлива енергија“. Тој им се заблагодари и на шпанските власти за поддршката.
Претседателот и извршен директор на CATL, Робин Зенг, во понеделникот беше во Мадрид, каде што се состана со премиерот Педро Санчез.
Stellantis е и најголемиот инвеститор во заедничкото вложување за производство на батерии ACC, заедно со Mercedes и француската нафтена компанија TotalEnergies.
ACC започна со производство во гигафабрика во Франција, додека развојот на две други, во Италија и Германија, е запрен поради малата побарувачка за електрични возила.
Фото;Pixabay











