ИАТА предвидува рекорден број патници во 2025 година и покрај доцнењата во испораката на авиони

Светската воздухопловна индустрија следната година би можела да заработи повеќе од милијарда долари и да постигне рекорден број патници и покрај постојните тешкотии при набавка на нови авиони, според Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт ИАТА.

Авиокомпаниите ширум светот се сведоци на пречки за раст поради проблемите и доцнењата во испораките кои ги доживуваат Боинг и Ербас. Без нови и поефикасни авиони, превозниците не можат да ги намалат трошоците за гориво и да превезуваат повеќе патници.

„Им дадовме време. Мислам дека трпението ни истече. Ситуацијата е неприфатлива“, изјави шефот на ИАТА, Вили Волш за новинарите во Женева.

Според него, производителите практично создале монопол и се чини дека имаат корист од проблемите што ги предизвикале.

„Ќе мораме да го зголемиме притисокот и можеби да побараме поддршка за да ги принудиме главните добавувачи да дејствуваат“, изјави Ројтерс Волш, кој претходно беше првиот човек на авиопревозникот Бритиш ервејс и неговиот сопственик ИАГ.

И покрај проблемите, ИАТА предвидува дека авиоиндустријата би можела да генерира нето профит од 36,6 милијарди долари во 2025 година со рекордни 5,2 милијарди патници. Годинешната нето добивка на индустријата е проектирана на 31,5 милијарди долари.

Ваквите добри бројки доаѓаат четири години по вистински колапс во индустријата и загуба од 140 милијарди долари во 2020 година поради пандемијата.

Се очекува и пад на цената на авионското гориво, што исто така би донело олеснување.

Волш позитивно реагираше на реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД, велејќи дека неговите постапки во првиот мандат поттикнале раст во воздухопловниот сектор.

„Гледам дека администрацијата на Трамп има позитивен ефект врз целата индустрија. Има индикации дека тој веројатно ќе промени некои од работите што беа донесени од администрацијата на Џо Бајден“, вели Волш.

Сепак, ИАТА предупредува дека конфликтите во Украина и на Блискиот Исток може да бидат ризик за растот на секторот.

Исто така, предвидува дека следната година просечната цена на лет од една милја (1,6 км) по патник ќе се намали за 3,4 отсто во споредба со оваа година.

Фото:Pixabay