Македонската компанија Капитал ассет менаџмент го доби престижното признание за квалитет „Македонски квалитет” за 2024 година од Сојузот на стопански комори, под покровителство на Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова.
Капитал ассет менаџмент е единствена компанија во земјава специјализирана за управување имоти во финансиски инструменти во интерес на своите клиенти, односно за нив управува портфолија во обврзници и акции од познати домашни и странски компании. Своето дваесет годишно искуство, знаење и експертиза, стекнати работејќи за меѓународни финансиски институции, основачот на компанијата Коста Костадиновски, заедно со својот тим ги вгради во Капитал ассет менаџмент и затоа компанијата оствари забележителни резултати и динамичен раст од основањето до денес.
“Ќе ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на претседателот на Сојузот на Стопанските Комори, Ангелоски и на Претседателката на државата, Сиљановска Давкова за доделеното престижно признание. Со нашата работа, знаење и искуство придонесуваме македонското општество да профитира од работата на големите домашни и странски компании преку остварување капитални добивки за нашите клиенти и наплата на дивиденди, кои во најголем дел се нето девизен прилив во државата. Со тоа сериозно придонесуваме за подобрување на индивидуалната материјална состојба на нашите граѓани што ултимативно значи повеќе даноци во касата на државата и подобра околина за сите”, вели Костадиновски.
Според претседателката на државата, Сиљановска Давкова, ова признание традиционално се доделува на крајот на годината.
“Освен придонесот за буџетот, за вработувањата, развојните инвестиции, голем број од компаниите добитници се општествено одговорни компании што и помагаат и ги следат потребите на заедницата”, рече Сиљановска Давкова, според која успесите на компаниите ќе значат и успех и на државата, поразвиена економија и подобар животен стандард.
Капитал ассет менаџмент е една од десетте македонски компании кои се закити со ова признание заради давање значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво.
„Им даваме признание на овие компании што и покрај силните предизвици, успеале да го видат светлото на крајот на тунелот и да ја зачуваат деловната активност, креирале работни места, создале додадена вредност и придонеле за економски раст и развој”, рече Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори.