Британското производство на автомобили на најниско ниво во последните 44 години

Производството на автомобили во Велика Британија е на најниско ниво во последните 44 години, објави денеска Друштвото на производители и трговци на мотори (SMMT).

Според податоците на организацијата, минатиот месец во Британија се произведени 64.216 нови автомобили, што е за 30 отсто помалку во споредба со истиот месец лани и претставува најлош месечен учинок од 1980 година, пишува „Дејли мејл“.

Здружението истакна дека сите големи производители на автомобили во Велика Британија забележале пад на производството, при што производството на електрични возила паднало за речиси 46 отсто на годишно ниво.

Во Британија годинава досега се произведени 734.562 автомобили, што е за 13 отсто помалку од истиот период лани.

Овие бројки не даваат многу причина за божиќна радост, коментираше главниот извршен директор на SMMT, Мајк Хоус, додавајќи дека производството на автомобили е „под притисок“ и во Британија и во странство.

Во земјите на Европската унија во ноември се регистрирани 869.816 нови патнички автомобили, што е за 1,9 отсто помалку во однос на истиот месец лани, објави вчера Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).

Резултатот е понеповолен од октомври, кога е забележан раст на регистрациите на нови автомобили за 1,1 отсто на годишно ниво.

Бројот на регистрирани електрични возила на батерии во ЕУ падна за 9,5 отсто на годишно ниво, на 130.757 автомобили во ноември, пред сè поради падот на регистрацијата на нови електрични автомобили во Германија за 21,8 отсто и Франција за 24,4 отсто.