Шпанија одлучи за кратење на работната недела

Владата на Шпанија и синдикатите во земјата се договорија да се скрати работната недела од 40, на 37,5 часа. Притоа платите остануваат исти, најавува „„Euro Weekly News“.

Здружението на работодавачи не се согласува со оваа одредба и се повлече од повеќемесечните преговори во ноември, но Владата во Мадрид ќе може да ја спроведе оваа мерка и без нивна помош доколку обезбеди политичка поддршка во Парламентот, пренесува весникот „Паис“.

Како што е наведено, работниците можат да работат повеќе од максималните 37,5 часа неделно, а секој час над тоа ќе се смета за прекувремена работа.

Компаниите кои ги игнорираат овие правила може да платат казна до 10.000 евра по вработен.

Извршната власт, исто така, најави дека ќе има социјален дијалог со синдикатите и деловните здруженија за да ги оцени резултатите од намалувањето на работното време. Се претпоставува дека по сите политички процедури оваа одредба ќе стапи во сила на крајот од 2025 година.