
Големите европски енергетски компании одлучија да се обложуваат на нафта и гас оваа година и да се фокусираат на пократкорочни профити, а истовремено да ги забават, а во некои случаи и да ги стопираат инвестициите што треба да одат кон исполнување на климатските цели.
Многу е веројатно дека слично сценарио ќе се повтори и во 2025 година, наведува Ројтерс.
Ваквото позиционирање на големите енергетски компании доаѓа откако владите на глобално ниво го забавија спроведувањето на политиките за чиста енергија, бидејќи трошоците за енергија се зголемија по руската инвазија на Украина.
Европските компании кои претходно се одлучија за силни инвестиции во зелената транзиција сведочат дека вредноста на нивните акции заостанува зад оние на американските конкуренти Ексон и Шеврон кои го задржаа својот фокус на нафтата и гасот.
Во таква атмосфера, компаниите како што се BP или Shell оваа година ги закочија своите планови да инвестираат милијарди во енергија од ветер и сончева енергија и ги пренасочија парите кон проекти за нафта и гас со поголем принос.
Шел, која своевремено објави дека сака да стане најголемиот производител на електрична енергија во светот, во голема мера ги запре инвестициите во офшор ветерни електрани и го напушти пазарот на електрична енергија во Европа и Кина, истовремено намалувајќи ги своите цели за намалување на емисиите на јаглерод.
BP одлучи да го сподели ризикот од офшор ветерни електрани со јапонскиот производител на електрична енергија JERA.
Норвешката државна енергетска компанија Equinor исто така ги забави инвестициите во обновливите извори на енергија.
„Геополитичките пореметувања, како што е инвазијата на Украина, ја ослабнаа мотивацијата на лидерите на компаниите да дадат приоритет на транзицијата со низок јаглерод со оглед на високите цени на нафтата и очекувањата на инвеститорите“, смета Рохан Бовотер, аналитичар во Accela Research, консултантска компанија специјализирана за сектор за клима и одржливост. Тој додаде дека BP, Shell и Equinor ги намалиле своите инвестиции со ниска потрошувачка на јаглерод за осум отсто оваа година.
Сепак, Шел вели дека останува посветена на постигнување на целта за нето нула емисии на јаглерод во своето работење до 2050 година. Од Еквинор, пак, велат дека инвестициите во офшор ветерни електрани во последните години се изложени на инфлација, зголемени трошоци и проблеми во синџирите на снабдување и дека ќе продолжи да биде селективна и дисциплинирана при изборот на проекти.
БП не одговори на барањето на Ројтерс.
Европа сè уште е изложена на неизвесност околу војната во Украина, додека најголемите економии Германија и Франција се среде политички превирања.











