Според неодамнешниот извештај на BestBrokers.com, кој ги анализираше цените на недвижностите, просечната нето-плата и инфлацијата во 62 земји во светот, одговорот на прашањето колку месечни плати се потребни за да се купи куќа во Европа зависи од земјата во која живеете.
Данска е најповолна земја во Европа за купување куќа. Според извештајот, за куќа од 100 метри квадратни во Данска потребно е да се заштедат 114 нето плати, што значи дека на жителите на оваа земја им треба најкратко време за да купат куќа во Европа. И покрај тоа што цените на стоките и услугите во Данска се 43% над просекот на ЕУ, просечната годишна плата сепак овозможува да се купува недвижен имот побрзо отколку во другите европски земји, пренесува Вечерњи лист.
По Данска, второто и третото место го заземаат Ирска и Шведска. За да се купи стан од 100 квадрати во Ирска потребни се 123 нето плати, додека во Шведска таа бројка е нешто поголема, 129 нето плати. На дното на рангирањето се Чешка и Словачка. Во Словачка, на пример, просечна куќа од 100 квадратни метри чини 297 просечна плата, што значи дека некој би требало да работи речиси 25 години за да заштеди за сопствениот имот. Ако жител на Словачка може да заштеди половина од својата нето плата, ќе му требаат речиси 50 години постојана заштеда за да купи куќа за своето семејство. Во Македонија за да се купи куќа потребни се 215 плати. Да напоменеме дека во овој поглед слабо стојат и Хрватска и Босна и Херцеговина кои се на самото дно на скалата. На Хрватите им требаат 238 плати за да купат недвижен имот, додека на БиХ 255. Целата листа погледнете ја овде.
Во извештајот се споредуваат и земји надвор од Европа. Најповолна земја за купување куќа во однос на платите е Јужна Африка, каде за да купите куќа од 100 квадратни метри треба да заштедите 71 просечна плата. Соединетите Американски Држави се на второто место со 76 просечни плати потребни за купување недвижен имот. Од друга страна, Непал е на самото дно на рангирањето, каде за купување куќа се потребни 684 просечни плати, додека Турција е на второто место со 631 плата потребни за купување куќа.