Нивото на гас во магацините во Европската унија е околу 70 отсто, а поголемо количество е повлечено од лани поради ремонтот во норвешките производни капацитети, објави портпаролката на Европската комисија за климатски активности и енергија, Ана-Каиса Итконен.
„Има поголеми повлекувања на гас во споредба со минатата година, но нивото на складирање е сè уште околу 70 отсто и останува повисоко од просекот пред војната“, рече Итконен на прес-конференција, осврнувајќи се на периодот пред почетокот на конфликтот во Украина.
ЕУ се соочува со инфлација и огромна енергетска криза во контекст на светската економска рецесија по пандемијата, пренесува Мина.
Ситуацијата дополнително се влоши под влијанието на украинската криза бидејќи непријателствата и западните санкции против Москва доведоа до прекини во синџирите на снабдување и скокови на цените на енергијата ширум светот.
Во мај 2022 година, по започнувањето на руската специјална воена операција во Украина еден месец претходно, Европската комисија разви план чија цел е да ја направи Европа независна од фосилните горива од Русија.
Од друга страна, руската компанија „Газпром“ објави дека испорачува гас за Европа транзитно преку Украина во количина од 42,4 милиони кубни метри дневно до гасната пумпна станица „Суја“ во областа Курск.
Руската новинска агенција потсети дека договорот за транзит на руски гас преку украинска територија истече на крајот на минатата година, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сигурно нема да има нов договор, но додаде дека Русија и Газпром ќе го преживеат .
Украинскиот премиер Денис Шмигал изјави дека транзитот на руски гас е запрен на 1 јануари во седум часот наутро, но објасни и дека продолжувањето на транзитот низ украинскиот дел од гасоводот ќе биде можно на барање на Европската комисија, под услов тоа да не е руски гас.
Транзитната линија низ Украина останува единствената рута за испорака на руски гас до земјите од Западна и Централна Европа, додека нејзиниот транзит преку Северен тек е целосно суспендиран.