Во Европската унија има околу 9,1 милион фарми, од кои 64 отсто се мали фарми до пет хектари, според пописот на земјоделството на ЕУ објавен од Евростат.
Пописот се спроведува на секои 10 години во 27 земји на ЕУ и некои земји од ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија).
Фармите со површина од пет до 50 хектари сочинуваат 29 отсто од вкупниот број на европски фарми, додека седум отсто од фармите се поголеми од 50 хектари, од кои четири отсто се поголеми од 100 хектари, според податоците од 2020 година. Поголемите фарми главно се користат за растително производство, додека помалите се користат за сточарство.
Кога станува збор за обработливото земјиште, 62,3 отсто се обработливо земјиште за земјоделски култури, 30,5 отсто пасишта, трајни култури се на 7,1 отсто од земјиштето (главно овошни и лозови насади), додека 0,1 отсто од земјиштето е наменето за други видови култури.
Најголем број фарми има во Романија – 32 отсто од вкупниот број, потоа Полска со 14 отсто, Италија со 12, Шпанија со 10, Грција со шест отсто, додека 26 отсто од фармите се лоцирани во други земји на ЕУ. Повеќе од една третина од фармите, или 38 отсто од нив, произведуваат храна за лични потреби на земјоделците.
Најмногу обработливо земјиште во сопственост на земјоделците кои стопанисуваат има во Полска – околу 75,4 отсто, додека најмалку има во Бугарија, девет отсто.
Во просек, 48 отсто од обработливото земјиште во ЕУ е во сопственост на земјоделци, 45,8 отсто се изнајмени од земјоделци, додека 6,2 отсто од земјиштето е во трет вид сопственост.
Во ЕУ има 3,1 милион фарми со земјоделски полиња, два милиони со постојани култури, 1,3 милиони со добиток и 1,1 милион фарми со земјоделски култури и добиток.
Свињите и живината се одгледуваат на 700.000 европски фарми, додека уште 500.000 фарми исто така одгледуваат земјоделски култури. 200.000 фарми се користат за хортикултура, уште 200.000 се користат за одгледување животни покрај градинарството, додека уште 100.000 фарми се користат за други дејности.
Околу 68 отсто од европските менаџери на фарми се мажи, додека 32 отсто се жени. Шест отсто од менаџерите во ЕУ се помлади од 35 години. Најголемиот број се постари од 65 години, 33 отсто.
Од вкупниот број вработени на европските фарми, 82 отсто се членови на семејства кои управуваат со земјиштето.
Најголем број млади менаџери има во Словачка, Луксембург и Австрија – осум до 10 отсто, а најмал во Португалија и Кипар, до два отсто.
Истовремено, 21 отсто од младите менаџери имаат завршено целосна земјоделска обука, додека процентот кај најстарите земјоделци е околу четири отсто.