
Кина во вторникот објави воведување царини од 15 отсто за увоз на јаглен и течен природен гас од САД, како одговор на американските царини од 10 отсто за кинески стоки.
Кинеското Министерство за финансии, исто така, воведе царини од 10 отсто за увоз на сурова нафта, земјоделски машини, возила со голем мотор и пикап камиони од САД. Пекинг рече дека новите мерки се одговор на „едностраното зголемување на тарифите“ наметнати од САД во текот на викендот, пренесува АФП.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави широки мерки против главните трговски партнери, вклучувајќи ги Канада и Мексико, во саботата, додека кинеските стоки ќе бидат погодени со дополнителни 10 отсто царини, покрај постојните царини.
Трамп рече дека мерките имаат за цел да ги казнат земјите кои не успеваат да го запрат протокот на илегални мигранти и дрога, вклучително и фентанил, во САД.
Кинеските царини, кои стапуваат на сила следниот понеделник, беа објавени веднаш откако Трамп најави дека ќе разговара со кинескиот претседател Кси Џинпинг во следните 24 часа. Пекинг ги обвини САД за овој потег „сериозно кршење на правилата на Светската трговска организација (СТО), не придонесувајќи за решавање на сопствените проблеми и нарушување на нормалната економска и трговска соработка меѓу Кина и САД.
Кина, исто така, поднесе жалба на СТО за „да ги брани своите легитимни права и интереси“ како одговор на зголемените американски царини. Кинеското Министерство за трговија во соопштение рече дека „акциите на САД се злонамерни“ и дека против нив е покрената постапка според механизмот за решавање спорови на СТО.
Покрај царините, Пекинг воведе нови контроли на извозот на ретки метали и хемикалии, вклучително и волфрам, телуриум, бизмут и молибден, кои се користат во различни индустрии.
Кина, исто така, започна истрага против американскиот технолошки гигант Гугл. Кинеската државна управа за регулирање на пазарот соопшти дека Гугл е „осомничен за кршење на Антимонополскиот закон на Народна Република Кина“ и дека е покрената истрага против компанијата во согласност со законот.











