Казнените царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за Канада, Мексико и Кина може да предизвикаат голема штета на американската економија, покажуваат пресметките на институтот „Ифо“.
Американскиот извоз би можел да падне и до 22 отсто доколку овие три земји преземат контрамерки од слични размери, објави минхенскиот институт.
Канада и Мексико не само што би морале да стравуваат од драстичен пад на извозот, туку ќе доживеат и негативни последици за индустриското производство на среден рок. Царините најмалку ја погодуваат Кина.
Според податоците на американската влада, Мексико и Канада се двата најважни трговски партнери на САД, со заеднички удел од речиси 30 отсто од американскиот увоз и извоз.
„Иако Кина може полесно да ја пренасочи трговијата отколку САД, Канада и Мексико се многу потесно поврзани со американската економија поради нивната географска локација“, рече Лисандра Флах, директор на Ифо Центарот за надворешна трговија.
Трамп привремено ги одложи планираните царини од 25 отсто за увоз од Мексико и Канада за 30 дена. Од друга страна, во вторник стапија на сила дополнителните царини од 10 отсто.
Економистите на Ифо ги анализираа ефектите од царините според две сценарија – едното без контрамерки од Канада, Мексико и Кина, а другото со контрамерки долар за долар.
Без контрамерките на Мексико, извозот од САД паѓа за 14 отсто, додека според сценариото со реципрочни мерки тој паѓа за 22 отсто.
Германија, како четврти најголем трговски партнер на САД, би можела малку да има корист од зголемениот извоз и во двете сценарија, но Институтот Ифо укажува дека таквиот развој не е особено веројатен.
„Поради заканите на Трамп дека наскоро ќе воведе царини за увоз од Европската унија, изгледите за таков раст на извозот во блиска иднина изгледаат многу мали“, смета Флах.