„Црн петок за маркетите“ е наречена акцијата за бојкот на синџирите продавници во земјава со кој се повикува повторно да се бојкотираат маркетите идентично како и на 31 јануари кога како што објави УЈП прометот на осумте најголеми ланци во земјава беше намален за 47 проценти.
Акцијата за бојкот на маркетите се шири ни регионот. Најактивно е во Хрватска и во Србија, но најави за бојкот доаѓаат и од Косово, Бугарија и од Грција.
Инаку Управата за јавни приходи (УЈП) во рамки на своите овластувања ги достави податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во 8 – те поголеми ланци на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година.
Во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари.
Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари.
Во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари.
Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%.
Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%.