Нов бојкот за пазарење во маркетите

За денеска е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти. Додека граѓаните се повикуваат на нов бојкот поради високите цени на основните прехранбени производи, надлежните најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник.

До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.

– Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.

Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. – Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече Дуримиши.

Утре или в понеделник Министерството за економија ќе соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи поради кои граѓаните организираат бојкот.

Повик за бојкот на големите трговски синџири за денеска беше упатен и до граѓаните од земјите од регионот. Платформата „Ало, инспекторе“, повикува на општ бојкот на сите продавници и услуги поради рекордно високите цени.

Овој бојкот ќе се спроведе во Србија, Босна и Херцеговина, а кон него овој пат се приклучуваат и граѓаните на Косово, Грција и Бугарија.

Во Хрватска од сабота, 8 февруари, започнува седумдневен бојкот на еден трговски синџир, чиј избор ќе биде одреден преку анкета на „Фејсбук“. Според платформата „Ало инспекторе“ потрошувачите барале да се продолжи со бојкотите, бидејќи, според нив, трговците не ги сфатиле пораките од претходните два општи бојкоти.

Ја истакнуваат важноста на оваа акција како начин да се притиснат трговците да ги намалат цените и да покажат поголема одговорност кон потрошувачите.