Apple ќе соработува со Alibaba

Американската технолошка корпорација Apple ќе соработува со Alibaba за да воведе функции за вештачка интелигенција на iPhone телефоните во Кина.

Веста прв ја објави The Information, повикувајќи се на анонимен информиран извор.

Овој потег доаѓа во време кога продажбата на iPhone во Кина се намали, делумно поради недостаток на напредни способности за вештачка интелигенција.

Локалните конкуренти на Apple, како Huawei, веќе ја интегрираат вештачката интелигенција во своите телефони, а компанијата од Купертино сака да остане конкурентна на кинескиот пазар со помош на огромните бази на податоци за потрошувачите на Alibaba.

Партнерството се очекува да му помогне на американскиот технолошки гигант успешно да ги надмине строгите регулаторни ограничувања во Кина, истовремено подобрувајќи ги карактеристиките на гласовниот асистент Siri, како и пребарувањето и персонализацијата за кинеските корисници, пренесува Ројтерс.