![0203](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/01/0203.jpg)
Задржувањето на данок се применува на следните видови на приходи, без оглед дали се исплатени во РС Македонија или во странство:
- приход од дивиденди;
- приход од камата од резидент;
- приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во РС Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
- приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
- приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во РС Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
- приход од забавни или спортски активности кои се вршат во РС Македонија;
- приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во РС Македонија;
- приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во РС Македонија;
- приход од телекомуникациски услуги меѓу РС Македонија и странска држава;
- приход од закуп на недвижности во РС Македонија.
Данокот што ќе се задржи, се пресметува на бруто приходот по стапка од 10%. Притоа, бруто приход е приходот кој би бил исплатен на странското правно лице доколку не се изврши задржување на данок од приходот кој би се исплатил.
Субјектот кој има обврска за задршка и уплата на данок, има обврска до Управата за јавни приходи (УЈП) да достави Извештај за уплатениот данок по задршка (“образец ДД-И”). Во извештајот ДД-И треба да се пополнат податоци и за исплати кон странски правни лица за кои е добиено даночно ослободување или олеснување од страна на УЈП согласно Договорите за одбегнување на двојно оданочување.
Извештајот ДД-И треба да се поднесе најдоцна до 15 февруари следната година, по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/ или во писмена форма до УЈП.
Обврската за плаќање на данокот по задршка настанува истовремено со исплатата на приходот на странското правно лице.