Цените на нафтата се речиси непроменети на неделно ниво

На светските берзи цените на нафтата останаа речиси непроменети минатата недела бидејќи се очекува зголемување на побарувачката и понудата доколку Русија и Украина постигнат мировен договор.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 0,1 отсто, на 74,74 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,4 отсто, на 70,74 долари. Минатата недела цените не се менуваа значително бидејќи трговците ги следеа реакциите на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Вашингтон соопшти дека може да ги укине санкциите за руската нафта доколку Москва и Киев постигнат мировен договор, што значи дека понудата на светскиот пазар ќе се зголеми.

„Доколку се најде решение за заобиколување на санкциите наметнати од поранешниот американски претседател Џо Бајден кон крајот на неговиот мандат за руските осигурителни компании, транспортери и производители на нафта, извозот би можел да продолжи“, се наведува во извештајот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Но, побарувачката исто така расте. Аналитичарите на JPMorgan проценуваат дека побарувачката на нафта се зголемила за 1,4 милиони барели дневно во споредба со минатата година, на 103,4 милиони барели дневно. Покрај тоа, крајот на војната меѓу Русија и Украина би имал позитивно влијание врз растот на европските економии, што, пак, би ја зајакнало побарувачката за енергија.

На пазарите се мирни и затоа што Вашингтон го одложи воведувањето на реципрочни царини, на кои се закануваше со недели. Имено, Трамп неодамна најави воведување на реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи. Тоа се очекуваше да се направи минатата недела, но Белата куќа соопшти дека се уште се анализира кои земји треба да воведат или зголемат царини и дека заклучоците ќе бидат познати наскоро.