Фолксваген во големи проблеми поради царините на Трамп против Мексико

Германскиот автомобилски гигант Фолксваген ги разгледува прилагодувањата на својот северноамерикански бизнис по новите американски царини воведени против Мексико.
Американската подружница на Фолксваген објави дека производителот на автомобили ќе активира „сеопфатен план за вонредни ситуации“ за заштита на компаниите, синџирите на снабдување, дилерите и клиентите.

Ќе бидат преземени итни мерки за да се обезбедат залихи и делови во САД додека компанијата ги разгледува можните прилагодувања на плановите за производство и можниот увоз, соопшти компанијата, додавајќи дека целта е да се зачуваат што е можно повеќе работни места.

Фолксваген работи со голема фабрика во Пуебла, Мексико, која исто така произведува модели за американскиот пазар. Дополнителни возила на Фолксваген се произведуваат во фабриката на овој производител во САД во Чатануга, Тенеси, но компонентите што се користат во таа фабрика доаѓаат од Мексико и сега исто така ќе бидат предмет на тарифи.

Во исто време, Фолксваген го повика Трамп да ги повлече мерките, предупредувајќи дека тарифите веќе ги загрозуваат работните места во САД.

Царините ќе имаат „погубен“ ефект врз американската автомобилска индустрија, која во голема мера се потпира на синџирите на снабдување кои се протегаат преку канадската и мексиканската граница, а исто така ќе им наштетат на американските дилери и клиенти, соопшти Фолксваген.