
Цените на нафтата паднаа во средата, откако Русија се согласи со предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, Москва и Киев привремено да ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура, што може да доведе до пораст на руската нафта на светските пазари.
Фјучерсите на суровата нафта брент поевтинуваат за 23 центи на 70,33 долари (64,70 евра) за барел. Американската сурова нафта West Texas Intermediate (WTI) падна за 25 центи на 66,65 долари (61,34 евра).
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот се согласи да ги запре нападите врз украинските енергетски постројки, но не даде целосна поддршка на едномесечниот прекин на огнот што го очекуваа САД.
„Договорот е позитивен чекор кон конечното решение, бидејќи запирањето на нападите врз украинската енергетска инфраструктура го намалува ризикот од понатамошни прекини на снабдувањето со нафта и на тој начин ги држи цените под притисок“, изјави за Ројтерс Јеап Јун Ронг, пазарен стратег во ИГ.
Русија е еден од најголемите светски добавувачи на нафта, но нејзиното производство е ослабено од почетокот на војната поради санкциите за руската енергија. Евентуалниот прекин на огнот може да доведе до олеснување на санкциите, што би ги зголемило резервите на нафта и би ги намалило цените, сметаат аналитичарите.
Царините наметнати од САД на Канада, Мексико и Кина ја зголемија загриженоста за рецесија, дополнително притискајќи ги цените на нафтата бидејќи слабеењето на економијата може да ја намали побарувачката за сурова нафта.
И покрај зголемените тензии на Блискиот Исток, нафтените пазари остануваат фокусирани на ризикот од пад на цената, велат аналитичарите на Goldman Sachs во белешката во средата.











